Младите не мора да се вработат, тие всушност имаат моќ да се само-вработат!

Интервју со Нина Павловска


Општествено одговорен претприемач, основач на младинска непрофитна организација „Младите можат“ и денешен соработник во приватно училиште во Бангалор, Индија.

1. Како го разбираш поимот на општествено одговорен претприемач? Кој се може да биде општествено одговорен?

Секој има потенцијал да биде општествено одговорен, се работи само за систем на вредности и колку личноста е заинтересирана.  Општествено одговорен претприемач е човек кој идентификува одредена потреба или проблем во општеството и ја гледа низ призма на можност за акција, односно нуди иновативно решение (производ или услуга) за истиот проблем/потреба. Тоа е социјаалната компонетнта на професијата, додека преприемачката компонента е врзана со способноста да се направи промената одржлива и по можност мерлива.

2. Дали младиот човек во Македонија има можност да биде општествено одговорен? И кои се тие начини на негово активно вклучување во процесот на решавање на општествени проблеми? Дали тој треба да поседува профитна фирма за истото да го извршува?

Секако дека таа можност постои, иако во Македонија сеуште нема институционални или правно-легални системи преку кои младите можат активно да учествуваат во општествените процеси  и да ја изразуваат својата општествена одговорност. Сепак, во истиов момент се основа младинска т.н. чадор организација - младински национален совет – што претставува обид  да се воспостави систем за да се слушне гласот на младите во нашето македонско општество.  

Денес има многу методи и начини на преку кои младите можат да се вклучат аквивно во општествените процеси. На пример, тоа може да биде преку индивидуална активност, преку здружување во граѓанскиот сектор, преку непрофитни или профитни организации. Дури и младте кои се дел од јавната администрација всушност треба да служат на општеството околу нив, нивната професија треба да е олицетворение на општествена одговорност.

3. Вие и „Младите можат“: Која е мисијата и целите на „Младите можат“? Кауза за нејзино основање?

“Младите можат” е младинска органиација која се роди како идеја кај група млади луѓе кои сакаа да создадат своја платформа за младинско учество. Мисијата на оваа организација, која во моментов брои повеќе од 300 членови е: оспособување и овозможување на младите во Македонија да  завземат активно учество во развојот на својата заедница.  Ова амисија ја остваруваме преку:

  • o Промоција на личен развој кај младата популација преку младиснка работа и неформално образование
  • o Подигнување на јавната свест за општествената одговорност и активносто граѓанство како алатка за менување на општеството
  • o Овозможување на младински иницијативи и младинско креативно изразување
  • o Промоција на човековите права и слободи кај младите

4. Кои квалитети на еден успешен претприемач се од круцијална важност за водење на општествено одговорни, непрофитни и невладини  организации и проекти?

Интересно прашање... тоа што јас би го издвоила е јасен систем на вредности, јасна визија зашто ги прави работите кои ги прави, чесност и интегритет.

Вистинскиот претприемач успева да ја трансформира својата страст во бизнис идеја, или во проект,  или производ/услуга која помага на општеството а не цели едниствено кон профит.  Систем на вредности во кој финансиските средства (парите) не се крајната цел, туку алатка за остварување на нешто значајно за општеството е тоа што ги прави ваквите проекти успешни и одржливи.

5. Како општествено одговорните претпримачи во непрофитните организиции ги привлекуваат талентираните млади луѓе да се вклучат во нивната работа, имајќи во предвид дека наемините се ниски или воопшто не постојат во овој сектор?

Во непрофитни организации спаѓаат и владини и невладини организации – заклучокот дека е сектор во кој единствено се волонтира и платите се ниски претставува мит .

Тоа што го научив низ искуството е дека кај нас, невладините организации се асоцираат со волонтеризам или хуманитарност. Овие две компоненти се само дел од невладиниот сектор/непрофитниот сектор. И со самото тоа што се нарекува “непрофитен” не значи дека е непрофитабилен. Тоа се две различни карактеристики. Непрофитен е затоа што не се дистрибуираат дивиденди, но невладините организации кај нас (и во други земји) можат да реализираат комерцијални актвиности со кои можат да ги покриваат своите трошоци, вклучувајќи наемнини, плати итн. Профит е се што останува после пресметката на трошоците, а кај непрофитните организации тоа се инвестира во понатамошни профитабилни активности во согласност со нејзината мисија, и така една организација расте и се развива.

Тоа е многу нов концепт кај нас, дури и неприфатлив. Всушност тоа претсвавува основа на социјално претприемништво.

Инаку постојат многу невладини организации во странските земји каде платите на вработените се релативно високи – земете ги Амнести интернешонал, Гринпис, Оксфам... а да не ги споменуваме платите на оние кои се вработени во интернационалните организации (интер-владини организации) како ООН, ОБСЕ итн.

6. Фактори кои ја ограничуваат работата на младиот општествено одговорен претприемач во овој сектор?

Има повеќе општествени фактори – влијание на медиуми, неинфорираност за можностите кои ги нуди секторот и секако перцепцијата дека не постојат никакви придобивки доколку младите го донираат своето време и енергија во такви активности.  Но исплатата не е секогаш монетарна вредност, денес сум горда на многу реализирани проекти на локално и интернационално ниво, имам пријатели од целиот свет, и многу стекнати вештини преку искуството кое е бесценето.

7. Кои се вашите придобивки како општествено одговорен претприемач на непрофитни организации?

Претходно набројав неколку, придобивките се неверојатни. Сепак она од што најмногу придобивам е постојаната желба за надоградба, иновација, отвореност за учење и стекнување на нови вештини и употреба на нови технологии, алатки и пристапи.

Морам да признаам дека не се сметам сеуште себеси за искусен преприемач. Во невладиниот сектор претприемачкиот дух е на релативно ниско ниво затоа што главно организацоиите функционираат со донации а не со генерирање на сурпулус.

8. Во профитните организации финансискиот резулатат е мерка за успех, која е мерката во непрофитните организации?

Секако, општествениот импакт, остварената промена, фидбекот од групата која ја таргетираш. Се што е набројан претходно е квалитативна димензија и претсавува вистински редизвик да се мери. Финанансискиот извештај кај непрофитните организации е истотака индикатор за успех, но во ралција со ефективноста на реализираните активности и социјалните придобивки кои се остварваат (Social returns)

9. Што можи да направи државата или средината за стимулирање на општествено одговорното претприемништво?

Владините структури можат да придонесат кон овозможување на лансирање на вакви социјални бизниси , претпријатија или организации со законски регулативи кои ќе ги олеснат околностите.  Македонија со новиот закон за здруженија овозможува реализација на одредени комерцијални активности кај невладините организации, но затоа пошироката средина се` уште не може да го прифати концептот дека граѓанските организации можат да наплаќаат за продукти и сервиси.

Понатаму, вреди да се спомене дека државата може да придобие  многу повеќе доколку инвестира во нешто што е самоодржливо, отколку единствено да донира во проект кој трае само неколку месеци до 1 година.

Секако тука се и преприемачките капацитети на популацијата. Понуда на обуки, образование и развој на препрпиемачки дух кај младите може да биде одлично решение за високиот степен ан невработеност кај нас. Младите не мора да се вработат, тие всушност имаат моќ да се само-вработат!

10. Вие сте општествено одговорни и надвор од нашата земја? Зборувајте ни на кратко за вашата работа во Индија?

Јас ја изразувам мојата општествена одговорност преку дејствување во Македонија и надвор од неа. Се` уште сум дел од Младите можат и други невладини иницијативи во земјата кои придонесуваат кон развојот на макадонското општество.  Ја сакам Македонија и сметам дека младите кои живеат таму имаат потенцијал да дејствуваат и менуваат.

Денес сум во Бангалор, Индија, во делот на светот кој во периодов станува еден од главните гравитациони центри на светската економија и секој ден, секој момент е непроценливо иксутво. Тука сум како IDEX fellow и работам за приватно училиште кое претстваува социјално претпријатие и им служи на сиромашните семејства кои живеат во едно предградијата на 8 милионскиот Бангалор.. Мојот престој трае цели 10 месеци, а мојата мисија тука е да помогнам во развојот на оваа организација, да развијам проекти и програми кои ќе придонесат кон поквалитетни услуги, подобра одржливост и поефективен импакт. Повеќе за моето искутво тука може било кој да прочита на мојот блог:www.ninadonia.wordpress.com

11. За крај, кој предизвик би го поставиле пред младите претприемачи во однос на општествено одговорната работа?

Обидете се да гледате на социјалните проблеми како можности за иновативност и развој на бизнис идеи, проекти и можност за делување за промена кон подобро.

Одвоите време да ги откриете работите кои ве исполнуваат и посвете го животот на нив, а не на тоа што општеството или медиумите проповедаат дека е “правилно” или исплатливо

Соберете храброст да размилсувате различно или “надвор од кутијата”, бидете љубопитни каде е границата на  креативноста (доколку постои :)

за крај најголемиот предизвик е да го одржите интегритетот и останете доследни на своите морални вредности, зашто тие единствено остнауваат да траат вечно, се друго е променливо, минливо, уништливо.

www.youthcan.org.mk

Интервјуто е направено од Горан Стојановски, член на Младите можат, во рамките на предметот основи на менаџмент на Економскиот факултет во Скопје

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови