Кој е подготвен да ризикува, тој е подготвен и за големи предизвици и за големи резултати

Во ова интервју претприемач.мк ви го претставува Милан Тодевски, сопственик на Event Management Solutions.


1. Како започнува вашата претприемачка приказна?

Идеjата за основање сопствена компанија која ќе се занимава со организација на настани и изнајмување на техничка опрема за истите, беше поттикната од претходните мои ангажмани, имено работев на повеќе проекти како супервизор на БТЛ промоциите (Saatchi&Saatchi) и БТЛ и production manager (Индиго маркетинг агенција), во исто време имавме интезивна соработка со Калиопи и сите тие нешта водеа кон започнување на мојата приказна во ивент индустријата. Во 2003 година донесов одлука дека ќе основам моја компанија чија главна дејност ќе биде целокупна организација на настани од идеја и концепт, па се до реализација на настаните со вклучено изнајмување на комплетна опрема и анализа за успешноста на настанот и проектот.

2. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во областа на вашето работење?

Опстојувањето на нашиот пазар само по себе претставува предизвик. Најголем од нив е предизвикот да се доближи ивент индустријата до компаниите како можност за подобро нивно претставување. Ивент индустријата како и БТЛ-от како начин на промоција и приближување на производите до потрошувачите сеуште во Македонија е многу далеку од светското ниво. Ќе помине уште доста време кога АТЛ-от и БТЛ-от ќе имаат поделени улоги во рекламирањето. Постои уште нешто што треба да се разјасни, ние не сме само агенција која изнајмува опрема, како што за жал најчесто не перципира пазарот, опремата е само дел во вкупната понуда која ни овозможува поквалитетно и поефикасно реализирање на еден настан. Идеjата, осмислувањето, реализацијата, како и анализата за успешноста за еден настан се само дел од секојдневните наши активности. Мора да се напомене дека оваа индустрија бара однапред големи инвестиции за техничка опрема кои се разбира со тек на време треба да се исплатат. Уште еден предизвик е нелојалната конкуренција, која со неквалитетна опрема, нестручни кадри прави непоправливи штети и недоверба во компаниите кои сериозно се бават во оваа област.

3. Каква организациска структура применувате во компанијата, дали постои строга хиреархија?

Не постои строга хиреархија, во принцип секој добро си ја знае својата работа и нема потреба да се воведуваат строги правила на однесување. Креативноста и техничката реализација не трпат временски рамки. Ние сме тие што први доаѓаат на настанот и последни си заминуваат. Често подготовките за еден настан знаат да траат и по неколку денови, но тоа е во позадина и никој не го гледа. Во услови кога сте изложени на работа вон сите временски нормативи и услови, кога често сте изложени на метеоролошки прилики и неприлики, тогаш и неетички е да воведувате строга хиерархија. Често сме соочени со потребата од ангажирање на надворешни технички лица, светло и тон мајстори, за кои навистина постои недостаток на квалитетни и искусни кадри.

4. Кој е Вашиотпристапзасоздавањенабазаназадоволнипотрошувачи?

За оваа работа потребно е пред се да се има природна наклонетост, треба да знаете како услугата што ја нудите да ја доближите до луѓето. Оваа индустрија бара многу голема иновативност, целта на секој вистински професионалец во оваа област е настанот кој ќе се организира да остане долго во сеќавање, а тоа се постигнува само со добра идеја, организација и професионалност.

5. Дали се сметате себеси за човек кој презема ризик при донесувањето на одлуките?

Со самото тоа што работите сопствен бизнис кој бара вложување на големи средства во техничка опрема е голем ризик. Реализарањето на настаните сами по себе носат безброј непредвидени ситуации и ризици со кои секојдневно се справуваме. Чешто нашата работа е подложна на импровизации, кои се трудиме луѓето кои се дел од секој настан воопшто да не ги забележат и настанот да помине што подобро. Ризикот е составен дел од нашите животи, тој е можеби главен двигател. Кој е подготвен да ризикува, тој е подготвен и за големи предизвици и за големи резултати.

6. Кои се вашите идни планови за развој на компанијата?

Постојано инвестирање во нова опрема и кадри со нови идеи. Знаеме дека технологијата секојдневно напредува во светот и ние мораме до некаде да ги пратиме тие нови трендови. Исто така создавајки стотици настани во текот на годината, логички е да се трошите, па затоа нови и свежи идеи се секогаш добредојдени .Затоа вложувањето во вработените и потрагата по нови професионални кадри ќе биде еден од приоритети и во иднина.

7. Според Вас, кои персонални карактеристики треба да ги поседува еден  претприемач?

Секоја индустрија бара одредени различни квалитети кај претприемачите. Но, едно што е заедничко за сите е потребата од тоа да се биде инвентивен, добро организиран, подготвен да поднесе ризици и прилагодлив кон условите на пазарот. Светските истражувања во индустријата за организација на настани, покажуваат дека во оваа сфера опстојуваат оние кои добра ја познаваат индустријата, оние кои се добри играчи на пазарот, но најважно од се’ кои постојано вложуваат во техничка опрема.

8. Кој совет би им го дале на сите млади кои планираат да започнат сопствен бизнис?

Пред се да бидат претпазливи и да направат добра проценка и анализа на пазарот. Често одлуките се создаваат од моменталните услови и атрактивноста на одредени бизниси. Но, тоа не треба само по себе да значи влетување во нешто што не се познава. Можеби за кратко време некој моментално актуелен бизнис ќе стане неатрактивен. Треба многу енергија, желба и посветеност за да успеете една компанија да ја доведете во фаза на самоодржување, дури и тогаш сте и потребни вие на компанијата. Среќата има мала улога во бизнисот, потребен е навистина голем труд.

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови